На медиумите во Мексико Сити им беа прикажани наводни „мртви тела на вонземјани“.
Два леша на вонземјани, односно вид суштества кои не се човечки, беа прикажани на прес-конференција од мексиканскиот новинар и експерт за НЛО (неидентификуван летечки објект) Хаиме Маусан.
Овој несекојдневен настан, кој привлече големо внимание, се одржа еден ден по првото јавно сослушување во Конгресот на Мексико на оваа тема со експерти за НЛО.
Телата прикажани во кутии, имаат по три прсти на секоја рака, а пронајдени се во Перу во 2017 година.
Експертите изјавија дека овие тела немаат никаква врска со човечки суштества.
Наводните тела на вонземјани им се покажани и на мексиканските политичари во Конгресот.
Настанот го водеше Маусан, кој под заклетва сведочеше дека мумифицираните примероци не се дел од „нашата земна еволуција“, а речиси една третина од нивната ДНК е непознаница.
Тврдењата на самопрогласениот уфолог сѐ уште не се докажани, а Маусан претходно беше поврзан со тврдењата за откритија што подоцна се отфрлени.
На јавната расправа, Маусан им покажа на американските претставници и членовите на мексиканската Влада неколку видеоснимки од „НЛО и неидентификувани аномални феномени“ пред да ги открие наводните „тела на вонземјани“.