Колку всушност е Ливерпул фудбалски гигант и уникатно „семејство“, можеше да се види по трагичниот случај на Диого Жота, по што на неговата вдовица ѝ беше исплатен целиот износ од преостанатиот договор.
Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, потврди дека клубот го исплатил целиот износ од неговиот договор со клубот на вдовицата на Рута Кардосо, која беше во солзи по смртта на нејзиниот сопруг на 3 јули.
Да потсетиме дека Жота загина заедно со својот брат Андре Силва во сообраќајна несреќа во Шпанија, по што јавноста шпекулираше дека клубот ќе ѝ ги исплати на неговата расплакана сопруга останатите средства предвидени во договорот.
Ова сега го потврди и менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, велејќи дека тоа е голем гест кој „не е нормален во денешниот фудбал“.
„Фазата низ која минуваат семејството и родителите ќе трае до крајот на животот. Веќе кажав колку сум горд на тоа како реагираа навивачите, но и на сопственоста на клубот. Сопствениците беа најмногу критикувани, како и тренерите, но начинот на кој ја решија оваа ситуација – со плаќање на своите пари од договорот на неговите деца и сопругата, е за пофалба. Можеби луѓето мислат дека тоа е нормално, но не е во фудбалот“, изјави Слот за ТНТ Спортс.
Тој исто така додаде дека, по смртта на големата ѕвезда на клубот, Ливерпул бил принуден да троши дополнително за купување фудбалери ова лето.
„За жал, моравме да доведеме уште еден играч повеќе отколку што планиравме. Затоа нашите трошоци беа повисоки од планираните“, вели холандскиот стручњак.
Да нагласиме и дека Јота имаше договор со Ливерпул до јуни 2027 година, а на неговото семејство му беа исплатени 25 милиони евра, износот што остана од договорот.
Претходно, претседателот на Ливерпул, Том Вернер, посочи дека клубот ќе преземе сите мерки за да им помогне на сопругата и децата на Јота.