Лидерите на земјите од Западен Балкан со заедничка изјава остануваат посветени на процесите за членство во ЕУ

Шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан денеска, во рамки на учеството на Самитот во Котор, Црна Гора, усвоија заедничка изјава со која ја потврдуваат посветеноста на земјите за заеднички регионален пазар насочен кон зајакнување на човечкиот капитал и развој на вештини.

Шесте земји од Западен Балкан посветено ќе работат и на поттикнување на дигиталната трансформација, овозможување поволна средина за бизнисмените, како и зголемување на конкурентноста.

Препознавајќи ги постојаните и сериозни безбедносни предизвици предизвикани од актуелните геополитички околности, а особено руската агресија врз Украина, лидерите на Западен Балкан во изјавата ја нагласија посветеноста за продолжување на соработката во регионот, како би ја искористиле динамиката во политиката за проширување на ЕУ.

Лидерите на земјите од Западен Балкан, во новиот План за раст препознаваат перспектива на регионот.

Во заедничката изјава се наведува дека шесте земји се посветени на прифаќање на можностите што ги нуди оваа иницијатива за регионот, со цел да се олесни економската и социјалната трансформација на општествата, отворајќи го патот за полноправно членство во Европската Унија, според начелото за пристапување засновано на заслуги во текот на овој процес.