Лидерите на НАТО се собраа на самитот во Вилнус, Косово надвор од агендата

Лидерите на воената алијанса на НАТО се состануваат во вторник и среда во Вилнус, Литванија.

Самитот се одржува во критично време за безбедноста во Европа, бидејќи војната во Украина е во услови на контраофанзива на Киев.

Самитот доаѓа и една година по состанокот во Мадрид, каде сојузниците на НАТО се договорија за нов стратешки концепт, кој ја издвои Русија како директна безбедносна закана.

Се очекува лидерите на земјите-членки на најголемата воена организација во светот да разговараат за широк спектар на теми, меѓу кои ќе доминираат напорите на Украина за влез во НАТО, како и приемот на Шведска во алијансата.

За време на самитот не се очекува Украина да добие покана за членство, што според процедурите на НАТО е првиот чекор кон полноправно членство.

Тоа веќе го потврди и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој рече дека такво нешто не може да се случи додека трае војната во оваа земја.

Очекувањата се дека сојузниците ќе покажат одредено несогласување за тоа како да се пристапи кон овој проблем во финалната изјава.

Источноевропските земји веруваат дека на Украина треба да и се понуди патоказ, додека западните, вклучително и Соединетите Американски Држави и Германија, се повнимателни во однос на активностите кои би можеле да ја доближат Алијансата до војна со Русија.

Обединетото Кралство предложи на Украина да и се дозволи да ја прескокне програмата на таканаречениот Акционен план за членство, кој вклучува политички, економски и воени реформи кои секоја земја кандидат мора да ги исполни пред полноправно членство.

Покрај изгледите за членство, лидерите на НАТО, исто така, се очекува да ветат континуирана воена и финансиска помош за Киев.

Зелено светло за Шведска

Темата за Шведска, практично, заврши на 10 јули, ноќта пред самитот на алијансата, кога турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се согласи да ја пренесе кандидатурата на Шведска за членство во НАТО до Парламентот на својата земја.

Шведска – како и Финска – традиционално е неутрална земја во однос на воените сојузи, но таа се обиде да се приклучи на алијансата по почетокот на руската агресија во Украина на 24 февруари минатата година.

Финска стана полноправна членка на НАТО во април оваа година.

Иако двете земји истовремено бараа прием, Турција досега го блокираше процесот за членство на Шведска, тврдејќи дека во земјата се сместени членови на милитантни групи кои Анкара ги смета за терористички.

На средбата што Столтенберг ја организираше на 10 јули со претседателот на Турција и премиерот на Шведска, Ердоган се согласи да го отстрани ветото, отворајќи ја можноста Шведска да стане членка на НАТО.

Полноправното членство ќе се случи кога сите земји ќе го ратификуваат пристапниот протокол.

Косово надвор од агендата

На самитот се очекува воопшто да не се разговара за Косово и покрај зголемувањето на тензиите на северот на земјата населена со српско мнозинство.

Неодамнешните немири таму доведоа до напади на српски демонстранти против војниците на мисијата на НАТО на Косово – КФОР, но, сепак, Косово е надвор од официјалната агенда на разговорите.

Строги безбедносни мерки

За домаќинот на самитот на НАТО, Литванија, овој настан е најголем во историјата на оваа земја.

За безбедност се распоредени три германски противвоздушни единици Патриот, како и дополнителни борбени авиони.

Исто така, над 1.000 војници од различни земји на НАТО ќе се грижат за безбедноста.

Литванија граничи со рускиот регион Калининград на југозапад, како и со Белорусија – сојузник на Русија – на исток и југ.