Потпретседателката на Партијата за слобода и правда, Мариника Тепиќ, која 12 дена штрајкува со глад, изјавила дека докторите претходниот ден побарале да ја хоспитализираат и да ја префрлат на одделението за интензивна нега, но таа одбила, пренесува српски N1.
„Се чувствувам добро со себе, но морам да кажам дека резултатите не се многу добри. Сега сум под постојан надзор на доктор. Анализите покажаа дека мојата состојба драстично се менува, дека инфузиите веќе не ми помагаат. Ризиците се драстично зголемени“, изјавила Мариника Тепиќ.
„Дојдоа доктори да ме однесат, со оглед на времетраењето на ова, на интензивна нега. Ги прашав дали има начин да се издржи барем до утре, со оглед на тоа што овие апсурдни избори се повторуваат утре“, вели таа.
Мариника Тепиќ додава дека еден од проблемите е што повеќе не може да прима инфузија поради состојбата на вените.
„Вените се чувствителни и повеќе не може да се одржуваат на овој начин“, вели Мариника Тепиќ.
Зборувајќи за утрешната голема средба на „ПроГлас“, таа вели дека би сакала да ги поздрави насобраните граѓани, а потоа со чиста совест би можела да оди на интензивна нега на закрепнување.
„Она што успеавме да го направиме е да ги алармираме паметните, рационални и коректни луѓе кои беа набљудувачи на изборите. Тоа беше и целта на ваквите радикални потези“, истакна Мариника Тепиќ, пренесува српски N1.