Исмаил Ханије, политичкиот лидер на Хамас, вели дека секој план за повоен Појас Газа кој не ја вклучува палестинската терористичка група е само – „илузија“.
„Секој договор за Појасот Газа или палестинската кауза без Хамас или фракциите на отпорот е чиста заблуда“, посочи Исмаил Ханије во телевизискиот говор.
Тој додава дека лично е отворен за преговори за завршување на војната и решавање на палестинскиот проблем на Западниот Брег и Појасот Газа.
„Хамас е подготвен за разговори кои би можеле да доведат до политички пат кој го обезбедува правото на палестинскиот народ на своја независна држава со Ерусалим како главен град“, изјави Исмаил Ханије.
Во својот говор тој не ја спомена ниту еднаш израелската држава, но ги поздрави напорите на Саудиска Арабија и Арапско-Исламскиот министерски комитет да ја запрат војната во Појасот Газа. Тој ги повика и арапските земји да ги искористат сите можности што им се на располагање за да ја прекинат војната.
Хамас отворено бара уништување на Израел и вети дека ќе изврши напади слични на оној на 7. октомври, додека не се постигне нивната цел.
Коментарите на Исмаил Ханије уследија еден ден откако премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, кажа дека нема да дозволи влез во Појасот Газа на оние кои го поддржуваат и финансираат тероризмот.