Македонија е заглавена во долготрајните политички пимплања. Сетоа носи криза, инфлација, повисоки цени, отсуство на реформи, наближуваат избори… Се бара ли излез на сето ова? Дали е потребна лидерска средба за власта и опозицијата на маса да ги решаваат проблемите и недореченостите, а не со препукувања преку медиумите?
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистира на ваква средба бидејќи смета дека земјата се наоѓа пред два клучни изборни процеси и доколку не се разговара за тоа, можна е уставна криза, од друга страна од СДСМ сметаат дека нема основа за одржување на ваква средба на која би се договарало нешто надвор од законските процедури.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера рече дека не може да се прават лидерски средби на коишто ќе се разговара за решенија што не се усогласени со ниту еден закон. Нагласи дека останува отворена понудата дадена на последната лидерска средба.
– Ние не можеме да супституираме институции, значи да укинуваме Парламент, да укинуваме политички партии и да правиме лидерски средби на коишто ќе се разговара за решенија што не се усогласени со ниту еден закон. Но со оглед на тоа дека имавме лидерска средба на која што како претседател на СДСМ му понудив на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, решение – во понеделник да ги изгласаме уставните измени, истиот ден да го распуштиме Собранието и да одиме на избори. Или доколку сакаат да ги отвориме уставните измени, да влезат во Владата на паритетна основа односно 50 проценти од министерствата, да ги затвориме процесите на скринингот и на уставните измени, да ги отвориме поглавјата, да затвориме заедно едно или две поглавја, во што сум убеден дека можеме да го направиме до февруари, и потоа да одиме на претседателски и на парламентарни избори, истакна Ковачевски.
Според Ковачевски, претседателските и парламентарните избори ќе се одржат во законскиот термин, односно согласно законските рокови, земјава на 12 мај следната година треба да има нов претседател, а на 15 јули нов парламентарен состав.
За опозиционерот Христијан Мицкоски неопходно е да се одржи лидерска средба. Тој рече дека ваква средба може да свика и претседателот на Собранието Талат Џафери.
– Ценам дека на неколку месеци пред избори добро е да се седне на лидерска средба каде што ќе има претставници од Владата, претставници од опозицијата. Нека биде организатор Талат Џафери, нека биде во Парламентот. И таму ќе дојдам да разговараме за можните датуми за избори бидејќи, во меѓувреме, треба сите да сме свесни дека имаме два големи верски празници како што се Рамазан и Велигден, така што мора да го подготвиме амбиентот за да имаме фер изборен процес, рече Мицкоски.
Ќе ги слушнат и разгледаат ли аргументите кои преку медиумите си ги пратија двајцата политичари?