Фудбалерот на Пари Сен Жермен (ПСЖ), Лионел Меси ќе го напушти фудбалскиот клуб на лето, откако управата го суспендираше на две недели бидејќи без дозвола отпатува во Саудиска Арабија.
Договорот на Лионел Меси истекува на крајот од сезоната, а како што пренесуваат спортски медиуми, раководството не сака да ја продолжи соработката со 35-годишниот Аргентинец.
Лионел Меси побарал дозвола од клубот за патување во Саудиска Арабија поради спонзорски обврски, во два наврати го одложувал летот за да ја дочека дозволата, но истата не ја добил.
Сепак, тој отпатува во Саудиска Арабија, поради што е суспендиран на две недели, ќе пропушти два првенствени натпревари и ќе му биде одземена платата од две недели. Нему исто така му е забрането да тренира со тимот додека трае суспензијата.
Се шпекулира дека Лионел Меси ќе се врати во Барселона, каде стекна светска слава, а за него се заинтересирани и бројни американски клубови.
Лионел Меси досега за парискиот клуб одигра 71 натпревар во сите натпреварувања, постигна 31 гол, имаше 34 асистенции и ја освои француската шампионска титула.