– Аргентинската ѕвезда на Интер Мајами, Лионел Меси, е прогласен за најдобар фудбалер на ФИФА, а Аитана Бонмати од Барселона е прогласена за најдобра фудбалерка на церемонијата за најдобрите во фудбалот во 2023 година, организирана од ФИФА, која се одржа синоќа.
Тренерот на Манчестер Сити, Шпанецот Пеп Гвардиола, ја зеде наградата за најдобар тренер на годината.
Селекторката на женската репрезентација на Англија, Холанѓанката Сарина Вигман, ја освои наградата за најдобар женски тренер на годината на ФИФА.
Признанието за најдобар машки голман на годината ФИФА му го додели на бразилскиот голман на Манчестер Сити, Едерсон.
Англиската голманка Мери Ерпс, која и претходната година беше најдобар женски голман на годината, беше прогласена за најдобар женски голман и во 2023 година
На листата најдобри 11 на ФИФА ФИФПРО во машка конкуренција во 2023 година се најдоа Тибо Куртоа (Реал Мадрид, Белгија), Рубен Диас (Манчестер Сити, Португалија), Џон Стоунс (Манчестер Сити, Англија), Кајл Вокер (Манчестер Сити, Англија), Џуд Белингем (Борусија Дортмунд/Реал Мадрид, Англија), Кевин де Брујн (Манчестер Сити, Белгија), Бернардо Силва (Манчестер Сити, Португалија), Ерлинг Халанд (Манчестер Сити, Норвешка), Килијан Мбапе (Париз Сен Жермен, Франција), Лионел Меси (Париз Сен Жермен/Интер Мајами, Аргентина) и Винисиус Џуниор (Реал Мадрид, Бразил).
Мери Ерпс (Манчестер Јунајтед, Англија), Луси Бронзе (Барселона, Англија), Олга Кармона (Реал Мадрид, Шпанија), Алекс Гринвуд (Манчестер Сити, Англија), Аитана Бонмати (Барселона, Шпанија), Ела Тоне (Манчестер Јунајтед, Англија ), Кира Волш (Барселона, Англија), Лорен Џејмс (Челзи, Англија), Сем Кер (Челзи, Австралија), Алекс Морган (Сан Диего Вејв, САД) и Алесија Русо (Манчестер Јунајтед/Арсенал, Англија) се најдоа на листата на 11 најдобри на ФИФА ФИФПРО во светот во 2023 година во женска конкуренција.
Наградата за фер-плеј на ФИФА во 2023 година ѝ беше доделена на машката фудбалска репрезентација на Бразил против расистичките навреди добиени од бразилскиот играч на Реал Мадрид, Винисиус Џуниор, во шпанската Ла Лига.
За време на церемонијата почест им беше укажана и на починатите фудбалски легенди Германецот Франц Бекенбауер, Англичанецот сер Боби Чарлтон и Бразилецот Марио Загало.
Наградата на ФИФА „Пушкаш“ во 2023 година, награда за најдобар гол на годината, ја освои поранешниот играч од средниот ред на Ботафого, Бразилецот Гилерме Мадрога.
Навивачот на аргентинскиот фудбалски клуб Колон, Хуго Мигел Инигез, кој беше снимен како го храни своето бебе со шише млеко додека го гледа натпреварот на неговиот тим, ја освои наградата за најдобар навивач на ФИФА во 2023 година.