Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси дефинитивно ќе го напушти Пари Сен Жермен (ПСЖ) на крајот на сезоната.
Таа одлука денес ја потврдија неколку еминентни спортски страни, а како што истакнуваат некои доброупатени извори, братот на Лионел Меси и менаџерот Хорхе пред еден месец им кажале на парижаните дека фудбалерот нема да го продолжи договорот со еден од најбогатите клубови во светот.
Пари Сен Жермен го суспендираше Лионел Меси на две недели поради недозволено патување во Саудиска Арабија.
Британскиот весник The Telegraph дознава дека причината за тоа патување била да се разговара за неговата преселба во фудбалскиот клуб Ал Хилал.
„Разговорите меѓу Лионел Меси и Ал Хилал се во тек. Тие ќе го направат најплатен фудбалер во светот со годишна плата од 360 милиони евра“, пишува добро упатениот британски весник.
Во моментов, најплатен играч во светот е Португалецот Кристијано Роналдо, кој заработува 200 милиони евра по сезона во Ал Насар, а воедно е и најплатениот спортист во светот.
Лионел Меси оваа сезона за ПСЖ на 37 натпревари постигна 20 голови и забележа 19 асистенции.