Според најновите информации кои протекуваат од Министерството за транспорт и врски, во најава е локалниот пат Стрезимир-Рестелица да се преточи во регионален.
Стрезимир е село во областа Горна Река во атерот на селото Бродец, Општина Гостивар додека пак Рестелица е село во Општина Драгаш – југозападно Косово.
Се очекува во скоро време ЈПДП да отвори тендерска постапка за избирање проектант со финална цел – асфалтирање на патот и отварање граничен премин со Република Косово.
Идејата се ,,родила” уште во 2018 од локалното население на реканскиот крај за која властите од двете земји имале слух и почнале сериозно да ја разгледуваат а во блиска иднина и да ја реализираат.
Извори кои се директно запознаени со случувањата информираат дека, Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски бил првиот владин претставник кој ја поздравил и ја поддржал оваа идеја по неколкуте средби кои ги имал со жителите на двете села како и Благој Бочварски, Министер за транспорт и врски.
Идејата ја поздравил и поранешниот премиер Зоран Заав кој уште во неговиот премиерски мандат дал зелено за нејзина реализација како и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
,,Сметаме дека ова е значаен проект кој ќе поврзува два села од различни држави кои имаат слична култура, традиција и обичаи. Со ова ќе се отворат нови можности и перспективи за жителите но и економски ќе заживеат двата краја. Се надеваме дека ова е почеток на една успешна соработка на двата краја односно двете држави” – изјави Фатон Асани, Директор на агенцијата за одземен имот и катализатор за реализација на проектот.
Од нивна страна, прв кој ја развил идејата бил Претседателот на месната заедница на село Растелица, Мурат Мушка, кој ја пренел до тамошните власти кои започнале со брза реализација.