Има се повеќе материјали поврзани со неодамнешниот терористички напад на Косово, во кој загинаа еден полицаец и четворица напаѓачи. Сега се огласи и премиерот на Косово, Албин Курти, кој тврди дека имаат докази во Приштина дека тоа е обид на Србија да окупира четири општини на северот на Косово.
„Врз основа на документите запленети од косовската полиција, беше потврдено дека терористичкиот напад бил дел од поголем план за анексија на северот на Косово преку координиран напад на 37 различни позиции. Потоа би следело формирање на коридор до Србија, за да се овозможи снабдување со оружје и војници“, напиша тој во објава на социјалната мрежа Х (Твитер).
„На едната фотографија се прикажани терористите кои ги извршија нападите, а тие тренираа во Пасуљански Ливаде, една од клучните бази на српската Армија, четири дена пред нападот. Други вежби се одржаа во базата Копаоник. Во нападите уживаа целосна поддршка и планирање на српскиот на државата“, напиша Албин Курти.
Косовската полиција објави снимка на која се гледа воената обука на напаѓачите на територијата на Србија и полигонот на српската Армија, а утврдено е и дека дел од откриеното оружје има директна врска со Армијата на Србија.
Џелал Свецла, министер за внатрешни работи на Република Косово, на прес-конференција изјави дека Србија во неколку наврати се обидела да каже дека нема никаква врска со овој напад, но дека снимките објавени од Албанците докажуваат дека подготовките, обуката и вежбите на оваа група се изведени во воена базата за обука кај Јагодина, како и на Копаоник.
Она што е интересно е фактот дека беспилотните летала ги снимиле подготовките за нападот што се случувале во Србија. А тоа значи дека шпионските беспилотни летала летаат над Србија прилично лесно, единствено не се знае дали се на косовските власти или можеби на некоја западна земја, која со овие доказни материјали му порачува на Александар Вучиќ да не игра со оган и да не предизвика конфликт од пошироки размери.
Токму во тој контекст предупредувањата до Белград да ги повлече воените сили што ги испрати во близина на Косово треба да се согледаат од Вашингтон, Лондон и Берлин.
Џелал Свецла изјави дека напаѓачите на Бањска се подготвувале во центри за обука во Србија.
„На оваа обука учествуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ, министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ и началникот на командата на Армијата, Милан Мојсиловиќ. Александар Вучиќ се обиде да го сокрие фактот дека Србија била вклучена во организацијата на овој напад“, изјави косовскиот министер по повод јавното претставување на запленетите снимки, иако, всушност, нема материјални докази дека споменатата тројка лично присуствувале на обуката на терористичката група.
Но, многу е снимено. Првите снимки од 26. август 2023 година покажуваат фотографии од Копаоник во Србија, односно одморалиштето и хотелот „Греј“ во сопственост на Милан Радоичиќ. Снимката од 2. септември годинава е исто така од Копаоник, во близина на просторот во сопственост на Милан Радоичиќ и покажува тестирање на облека што е против термални камери.
Беа прикажани и снимки од последната вежба на групата која Косово ја нарече терористичка на полигонот на српската Армија во Пасуљанска Ливада. Според снимките од 20. август 2023 година, се чини дека тие изведувале оперативно-тактички вежби за напади, поделени во повеќе групи, во различни правци опремени со долго оружје и воена опрема. Снимени се и моторни возила, на снимката се гледа дека групата симулирала напад, а се симулирало и ранување на членови на терористичката група, како и пружање прва помош. Видеото од 20. септември 2023 година прикажува снимка на која групата наидува на отпор и симулирана поддршка на оклопното возило. Во рамките на оваа воена вежба на терористичката група се гледаат и возила, а се сомнева дека во истата вежба било употребено и едно од возилата што косовската полиција ги заплени во терористичкиот напад на 24. септември 2023 година.
Милан Радоичиќ, кој беше потпретседател на Српската листа и близок соработник на српскиот претседател Александар Вучиќ, призна дека тој ја организирал групата.
САД и Германија ја повикаа Србија да престане да собира војници на границата со Косово и да ги повлече во внатрешноста на Србија. За акумулација на војници известија и косовските безбедносни агенции. Александар Вучиќ негираше вмешаност, а во понеделникот српскиот директор на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ покажа и фотографија од еден од убиените Срби, врз основа на која експерти од Србија утврдиле дека тој наводно бил убиен „лице в лице“, додека лежел ранет. Петар Петковиќ посегна по спин и наместо да објасни како Милан Радоичиќ и тимот биле тренирани во Србија, тој ја повтори класичната белградска приказна според која Албин Курти ги тероризира косовските Срби, додека барал ЕУЛЕК да ги преземе овластувањата на северот на Косово.