Лондон ги забрзува плановите за заштита од поплави поради климатските промени

 Велика Британија ги забрзува плановите за заштита на Лондон од поплави предизвикани од глобалното затоплување и зголемувањето на нивото на морето, со тоа што својот работен план за заштита на центарот на градот го забрза за 15 години.

Лондон, кој се наоѓа на плимниот дел на реката Темза, на околу 80 километри од морето, моментално е заштитен од бранови со подвижна бариера за поплави широка 520 метри, која се наоѓа на исток од градот и се подига неколку пати годишно.

Британската Влада сега ја забрзува постоечката програма за адаптација на климата со цел зголемување на заштитата на градот до 2050 година, наместо до 2065 година, како што првично беше наведено во документ од 2012 година.

– Нивото на морето се зголемува со забрзано темпо во целото устие на Темза и затоа е од суштинско значење да дејствуваме сега за да одговориме на климата која се менува, изјави Џули Фоли, портпарол на државната Агенција за животна средина, која ги разви плановите.

Во соопштението на британската влада се вели дека промената е заснована на подобрени модели за климатски промени кои покажуваат „зголемен ризик од поплави поради затоплување на климата и зголемување на нивото на морето“.

Светската метеоролошка организација минатиот месец соопшти дека нивоата на океаните се зголемуваат повеќе од двојно побрзо отколку во првата деценија од мерењата во 1993-2002 година, и оти достигнале нов рекорд минатата година.

Целосниот план на Велика Британија ќе биде објавен подоцна денеска.