Лоша вест за централна Европа: Путин најави крај на транзитот на гас преку Украина

Договорот што им овозможува на земјите од Централна Европа да купуваат руски гас преку Украина наскоро ќе заврши, изјави вчера рускиот претседател Владимир Путин, и покрај тоа што лидерите на Европската унија кои се прокремљски настроени се борат да обезбедат постојан пристап до евтината руска енергија.

Говорејќи на годишната прес-конференција, Путин рече дека договорот за транзит низ Украина ќе истече на крајот на годината и нема да биде продолжен, и покрај тоа што нема јасна алтернатива.

„Тој договор веќе нема да постои, тоа е јасно, но во ред е, ние ќе преживееме, Гаспром ќе преживее“, рече Путин.

Речиси во исто време, украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција во Брисел рече дека Киев нема да го продолжи транзитот на руски гас кога ќе истече договорот. Според него, „срамота“ е што некои земји се загрижени да платат малку повеќе за гас во иднина, кога Украинците ги губат животите бранејќи се од инвазијата, објави „Политико“.

Русија ја прекина испораката на гас за Германија и Полска по нападот врз Украина, но неколку членки на ЕУ, меѓу кои Словачка, Унгарија и Австрија, продолжија да добиваат руски гас преку Украина.

Словачкиот премиер Роберт Фицо повика да се постигне договор за продолжување на испораките на гас преку Украина и најави дека на состанокот на Европскиот совет ќе го постави ова прашање со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.