Лудилото во Грузија не престанува: Уапсени над 100 луѓе кои се против проруската влада (видео)

Повеќе од 100 лица се уапсени претходната ноќ во Грузија при судири меѓу демонстрантите и полицијата по одлуката на Владата да ги прекине преговорите за пристапување на земјата во Европската унија (ЕУ), соопшти денеска МВР. Протестите започнаа откако премиерот Иракли Кобахиџе од владејачката партија Грузиски сон ја објави одлуката за прекин на преговорите со ЕУ.

Демонстрантите се судрија со полицијата во неколку грузиски градови, вклучително и главниот град Тбилиси и црноморското пристаниште Батуми.

Полицијата употреби водени топови за да ги растера демонстрантите подалеку од зградата на Парламентот, а подоцна по авенијата Руставели, главниот булевар во градот, а употреби и сила против новинарите и употреби звучници за да ги навреди.

Најавата на владата дека ќе ги прекине преговорите за членство во ЕУ уследи неколку часа откако Европскиот парламент ја усвои резолуцијата со која оцени дека изборите не биле ниту слободни ниту фер.

Спорната победа на Грузиски сон на парламентарните избори во земјата на 26 октомври, кои се гледаат како референдум за пристапување на Грузија во Европската унија, предизвика масовни демонстрации и доведе до бојкот на парламентот од страна на опозицијата.

Пратениците на ЕУ побараа повторување на парламентарните избори во рок од една година под темелен меѓународен надзор и независна изборна администрација. Тие, исто така, ја повикаа ЕУ да воведе санкции и да ги ограничи формалните контакти со грузиската влада.

Грузискиот премиер Кобахзиде возврати, осудувајќи го, како што рече, „бараната на навреди“ од политичарите на ЕУ, изјавувајќи дека непријателите „го претворија Европскиот парламент во тапо оружје за уценување на Грузија, што е голем срам за Европската унија“.

Кобахиџе, исто така, рече дека Грузија ќе ја одбие сета буџетска поддршка на ЕУ до крајот на 2028 година.

Критичарите го обвинија Грузискиот сон, основан од Биџина Иванишвили, милијардер кој своето богатство го заработил во Русија, дека станува се поавторитарен и се приклонува кон Москва. Партијата неодамна донесе закони слични на оние што ги користи Кремљ за да ги потисне слободните говори и правата на ЛГБТК+.