Шампионот на Саудиска Арабија, Ал-Итихад, продаде повеќе од 56.000 билети за пристигнувањето на Карим Бензема на стадионот „Крал Абдула“ во Џеда за само неколку часа откако беше објавен трансферот во средата.
Францускиот напаѓач и освојувач на „Златната топка“ во вторникот потпиша договор со саудискиот клуб за вкупно 165 милиони долари за три сезони, пренесуваат тамошните медиуми.
Билетите за презентацијата на поранешниот капитен на Реал Мадрид во четвртокот на стадионот со 62.000 седишта познат како „Сјајниот скапоцен камен“ започнуваа од само девет риали (2,40 долари).
Голем број симпатизери во жолто-црните бои на клубот го пречекаа Карим Бензема по неговото пристигнување во градот во средата вечерта, а се очекува тој да одржи прес-конференција во четврток пред да биде претставен пред навивачите.
Карим Бензема (35 г.) беше првото засилување на Ал-Итихад по освојувањето на шампионската титула, а сонародникот Н’Голо Канте се очекува да му се придружи наскоро од Челзи.
Кристијано Роналдо го отвори патот за другите во Саудиска Про Лига со потпишување профитабилен договор со Ал Наср во декември.