Лукаревска и Стојаноски на Интерпарламентарна конференција за стабилност, економска координација и владеење во ЕУ

Конференцијата се одржа на 3 и 4 октомври 2024 година во Будимпешта, Унгарија, во организација на Националното собрание на Унгарија во рамки на Унгарското претседателство со Советот на министри на ЕУ.

Покрај делегацијата од Собранието, на Конференцијата учествуваа и претставници од националните парламенти на земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство во ЕУ, претставници од Европскиот парламент и претставници од владини институции на Унгарија.

На Конференцијата беа разменети мислења во врска со реформата на економската рамка на владеење и влијанието на Буџетот на ЕУ врз кохезионата политика.

Од страна на учесниците на Конференцијата беше истакнато дека кризата предизвикана од Ковид пандемијата влијаеше негативно врз управувањето со јавните финансии, појава на фискални проблеми и надминување на буџетскиот дефицит над 3% од БДП и јавниот долг над 60% од БДП. Во насока на надминување на фискалните проблеми донесен е Пакт за стабилност и раст, со кој е предвидено дека доколку некоја земја членка на ЕУ во иднина ги надмине фискалните правила, Европската комисија ќе даде препораки како да се намалат пречекорувањата над дозволениот лимит. Во април 2024 година модернизирана е рамката за економско владеење во ЕУ со која се поттикнуваат инвестиции во дигитална и зелена економија со добро управување на јавните финансии што ќе овозможи доволен фискален простор за потребните инвестиции. Во наредниот период фокусот треба да биде кон среднорочно одржување на буџетскиот дефицит од 1,5% од БДП.

Во однос на Буџетот на ЕУ за кохезиона политика, се истакна дека е потребна поголема солидарност за да се зајакне европската економија преку инвестиции во сите региони во делот на иновациите, инфраструктурата, зелената и дигитална економија. За време на Ковид кризата, кохезионата политика на ЕУ одигра значајна улога во справување со проблемите. Со Буџетот на ЕУ во периодот од 2021 до 2027 година за кохезионата политика се предвидени 392 милијарди евра и се очекува да се отворат нови 1,3 милиони работни места. Со тоа ќе се намалат социо-економските разлики меѓу регионите во ЕУ и подигнување на животниот стандард на граѓаните.

Пратеникот Бојан Стојаноски истакна дека изминатите кризни состојби со кои се соочија европските економии ја засилија потребата од суштинска трансформација на националните економии и подобро управување со јавните финансии. Република Македонија која е земја кандидат за членство во ЕУ, исто така започнува со трансформација на својата економија со ставање на посебен акцент кон равој на дигиталната и зелената економија.

За да се реализира ова потребно е да се обезбеди доволен фискален простор во државниот буџет преку кратење на непродуктивни трошоци. Дополнително, во новиот Закон за буџети кој целосно ќе се применува од 1 јануари 2025 година за прв пат се воведуваат фискални правила: дефицитот на општа власт за соодветната година, не смее да надмине ниво од 3% од номиналниот бруто-домашен производ (БДП), вкупниот долг на општа власт не смее да надмине ниво од 60% од номиналниот БДП, а гарантираниот јавен долг не смее да надмине 15% од номиналниот БДП. Доколку нивото на долгот на општа власт е повисоко од 60%, Владата треба да подготви и да усвои стратегија со конкретни мерки и активности кои во период од најмногу пет години ќе водат кон намалување на долгот под ова ниво.

Владата може да отстапи од утврдените фискални правила при настанување на која било од следниве исклучителни околности и тоа: природни катастрофи и екстерни шокови кои влијаат на загрозување на националната безбедност или животот и здравјето на луѓето; вонредна и/или кризна состојба; остри финансиски или економски шокови. За кое било отстапување Владата е должна јасно да ги образложи на Собранието при поднесување на првиот нареден буџет или изменување и дополнување на буџетот, односно првата следна фискална стратегија: причините за отстапувањето од фискалните правила; корективните мерки кои ги презема и планира да ги преземе, со цел повторно почитување на фискалните правила и тоа во рамки на период не подолг од пет години од отстапувањето.

Во своето излагање пратеничката Сања Лукаревска истакна дека негативното влијание од Ковид-19 и Руската агресија врз Украина го отежна планирањето на националните буџети и воопшто управувањето со јавните финансии. Република Северна Македонија исто така, ги почувствува негативните ефекти од влијанието на овие две кризи врз својата економија и планирањето и управувањето со јавните финансии што придонесе за одложување на инвестиции во инфраструктурата, рамномерниот регионален развој на државата, образованието, енергетиката, заштита на животната средина и други области.

Во однос на кохезионата политика, истакна дека истата претставува израз на солидарноста, имајќи предвид дека нејзина основна цел е финансиска поддршка на регионите и државите членки на ЕУ кои се помалку развиени за да ја засили економската, социјалната и територијалната кохезија на Унијата. Република Северна Македонија, земја кандидат за членство во ЕУ од нејзиното осамостојување до денес добива значајна финансиска поддршка како од Европската Комисија, така и билатерално од земјите членки на ЕУ за што изрази голема благодарност. Финансиската поддршка овозможи да се направат значајни реформи во повеќе сектори во насока на исполнување на потребните критериуми за членство во ЕУ како и врз подобрување на прекуграничната соработка со земјите членки на ЕУ и добрососедските односи. Европската комисија во ноември 2023 година го усвои Планот за економски раст за земјите од Западен Балкан, а Европскиот парламент и Советот го одобрија во април и мај 2024 година. Станува збор за пакет од 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди во форма на грантови и 4 милијарди како заеми до 2027 година. Главната цел на Планот, за периодот 2024-2027, е некои од придобивките од членство во Унијата да се стават на располагање на граѓаните на земјите од Западен Балкан во претпристапниот период, односно пред нивното членство во ЕУ. Согласно Планот за раст, секоја земја задолжително треба да усвои Реформска агенда за периодот 2024-2027, која ќе претставува сеопфатен и кохерентен пакет на мерки, квантитативни и квалитативни, за постигнување на предвидените цели.