Лукаревска: Не сме совршени, но нема полош избор од тоа гласачите да го казнуваат СДСМ

Наместо стиропор, има капитални проекти, наместо притисоци кон администрацијата, има повисоки плати. Нема затворање медиуми и редење вести. Нема ќотек за пратениците и новинарите во Собранието. Нема закани, вели Сања Лукаревска за „Фокус“.

Заменик-претседателката на СДСМ и директорка на УЈП, Сања Лукаревска, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ говори и за очекувањата во однос на претстојните избори.

Рејтингот на СДСМ е историски низок. Зошто?

Секоја влада на СДСМ морало да носи тешки одлуки, не одолжувала, не ги заобиколувала, туку се соочувала со проблемите.

Во 2017-та наследивме исклучително специфична ситуација – кревка, ранлива, изолирана држава. И ако направиме споредба со Македонија-членка на НАТО и на чекор до ЕУ, ќе можеме да заклучиме дека оваа влада направи многу.

Што се однесува до анкетите, еве да ве потсетам. И во 2020 имавме анкети што покажуваа предност на ВМРО-ДПМНЕ, но реалноста на денот на изборите беше сосема поинаква.

Никогаш како политичка партија проблемите не сме ги ставале под тепих, туку сме ги решавале, па и по цена на популарноста. Зошто, каква е поентата на популарна партија во заробена држава?!

Не сме се поставувале како судии или јавни обвинители. Не го злоупотребуваме медиумскиот простор. Ние се боревме за демократија и слобода, за транспарентност и отчетност, за слобода на изразување. И затоа критиките слободно и се слушаат, и ги сфаќаме добронамерно.

Не сме совршени, има многу работи што треба да се подобрат. Но, верувајте нема полош избор што би можеле да го направат гласачите од тоа да го казнуваат СДСМ.

Разликите меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ се видливи. Наместо стиропор, има капитални проекти, наместо притисоци кон администрацијата, има повисоки плати. Нема затворање медиуми и редење вести. Нема ќотек за пратениците и новинарите во Собранието. Нема закани.

Овие разлики се суштински. Не треба да се заборава. Зашто заборавот може да биде најкусиот пат до враќањето на хоророт, од кој едвај извлековме жива глава.

Што очекувате по овие избори?

По овие избори, СДСМ ќе формира влада на чело со претседателот Димитар Ковачевски и силно ќе го продолжиме европскиот пат кон 2030-та, кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Тоа ќе биде победа на разумот и желбата да направиме сè нашата држава да живее по стандардите на членките на Унијата.

Има многу истражувања, кои укажуваат дека голем дел од младите што се иселиле од своите земји пред тие да станат членки на ЕУ, се вратиле дома кога нивните држави се израмниле во редот со државите-членки на ЕУ. Тоа е и треба да ни остане најголема мотивација.

Како може да ѝ посакувате лошо на својата земја кога работите на нејзиниот напредок кон ЕУ. Што има опозицијата? Нема став, туку некакви ветувања за кои ќе ни кажеле како ќе ги остварат некогаш понатаму.

И да, нивната стратегија е стратегија на конфликти. Тоа и го најавија уште пред формирањето на техничката влада.

Што ако ВМРО, сепак, успее да формира некаква влада?

Тогаш, нешто во што не верувам, едноставно би се вратиле таму каде што бевме, комплетно изолирани и под влијанија кои се погубни за нашата држава. Повторно најдобри пријатели би ни станале државите со автократско владеење.

Затоа повеќепати повторувам дека овие избори имаат референдумско значење. Дали ќе продолжиме напред или ќе се струполиме назад.