Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, изјави дека имал долг разговор со рускиот претседател Владимир Путин на годишнината од почетокот на руската агресија врз Украина.
– Ќе ви кажам во тајна, разговаравме многу, многу долго на различни теми – рече Лукашенко, како што пренесуваат каналите на социјалните мрежи поврзани со претседателската прес-служба.
Не беа соопштени детали, а официјален Кремљ сè уште не објави ништо за разговорот. Претседателот на Белорусија е близок сојузник на Русија и е благодарен на Путин за поддршката што ја доби од него за време на масовните протести во 2020 година по неговата изборна победа, за кои белоруската опозиција и западните влади тврдат дека биле наместени.
Белорусија е воен, политички и секој друг сојузник на Русија во нејзината инвазија на Украина, чија годишнина беше одбележана вчера.
Државната агенција Белта објави дека Лукашенко следната недела ќе започне тридневна посета на Кина.