Кошаркарот на Далас, Лука Дончиќ влезе во историјата на НБА лигата и стана првиот Европеец кој ја завршил сезоната како најдобар стрелец.
Словенецот постигнуваше по 33,9 поени по натпревар во оваа, за него, нереална сезона и со тоа стана првиот најдобар стрелец во НБА од Европа, а заедно со Џоел Ембиид, само вториот неамериканец.
Дончиќ заврши пред Јанис Антетокунмпо (30,4 поени) и Шеј Гилџијус-Александер (30,3 поени).
Покрај феноменалниот поентерски учинок, поранешниот кошаркар на Реал Мадрид има и 9,8 асистенции и 9,2 скока по натпревар.
Во последните 30 години, само Џејмс Харден (36,1 и 34,3 поени по натпревар) и Коби Брајант (35,4) имаа сезони со повеќе поени од Дончиќ, а гледајќи ја целата историја, рекордер е Вилт Чембрлен (50,4). Сезона 1961/62.
Кога се во прашање Далас и Дончиќ, заврши само лигашкиот дел од сезоната и доаѓа плеј-офот. Маверикс во првото коло од плеј-офот ќе играат против Лос Анџелес Клиперс.