Помладите и средовечните луѓе треба да обрнат повеќе внимание на знаците кои укажуваат на можноста за развој на рак на дебелото црево, со оглед на тоа што болеста се повеќе ги погодува милениумците, луѓето на возраст од 25 до 49 години.
Списанието „Annals of Oncology“ објави истражување кое укажува на „зголемување на стапката на смртност од рак на дебелото црево кај луѓето на возраст од 25 до 49 години во Европската унија (ЕУ) и Обединетото Кралство“ и сугерира дека причините најчесто се прекумерната телесна тежина и алкохол.
Извештајот доаѓа откако Американското здружение за рак (ACS) претходно објави податоци кои покажуваат слично зголемување на болеста во Соединетите држави.
Пред 25 години, колоректалниот карцином беше четврта водечка причина за смрт од рак кај мажите и жените помлади од 50 години, но сега е прва кај мажите и втора кај жените, објави ACS.
Една од причините за тоа е поголемата пропорција на млади луѓе со вишок килограми, но и зголеменото консумирање алкохол и намалената физичка активност, велат истражувачите во списанието „Annals of Oncology“.
Во јануари, добро познатата американска клиника Мајо ги предупреди милениумците, главно луѓе во триесеттите и раните четириесетти, дека се лекуваат се повеќе „помлади пациенти со рак на дебелото црево, кој исто така е откриен во напредна фаза“.
Ракот на дебелото црево е зголемена причина за смрт кај помладите луѓе, иако вкупните смртни случаи од рак продолжуваат да опаѓаат.
Проблемот со откривањето е што „симптомите обично не се појавуваат во раните фази на болеста“, велат од клиниката Мајо.
Во исто време, луѓето можат да бидат збунети од „бројните предупредувачки симптоми“, како што се ректално крварење, анемија, промени во навиките на дебелото црево, постојана непријатност во стомакот и необјаснето губење на тежината, бидејќи тие често се симптоми на помалку сериозни состојби.
Но, таквите симптоми сепак треба да се проверат.
Многу симптоми на рак на дебелото црево можат да бидат причина за некои други здравствени проблеми, па затоа се препорачува да се разговара со лекар за да се открие вистинската причина за проблемот, препорачуваат од клиниката Мајо.