Зошто некои луѓе остануваат верни, додека други изневеруваат? Ова прашање често ги мачи оние кои се соочиле со неверство во врска. Иако довербата е основата на секоја здрава врска, некои лесно ја раскинуваат, оставајќи им на партнерите чувство на предавство и болка. Изневерувањето може да има многу форми – од физичко и емоционално неверство до дигитално флертување – но последиците се секогаш длабоки. Истражувањата покажуваат дека одредени психолошки особини можат да ја зголемат склоноста кон неверство, поткопувајќи ја стабилноста и на најсилните врски. Психологот Марк Траверс подетално ги објасни овие особини.
Нарцисоидни тенденции
„Луѓето со високо ниво на нарцисоидност постојано бараат восхит и потврда за сопствената вредност, а ако нивниот партнер не им посветува доволно внимание, тие имаат тенденција да бараат на друго место. Луѓето кои покажуваат сексуален нарцизам често имаат егоцентричен став кон интимните односи, ниска самодоверба и претпочитаат традиционални родови улоги, како што потврдува истражувањето.
Нивното чувство на супериорност и недостаток на емпатија доведуваат до импулсивна потрага по задоволство, непочитувајќи ги чувствата на партнерот.
„Покрај тоа, тие често користат секс за да го подигнат своето его, веруваат дека се исклучителни љубовници без оглед на искуството на партнерот и тешко се справуваат со критиките“, додава психологот.
Ниска самодоверба
Луѓето кои се чувствуваат несигурни понекогаш изневеруваат за да се чувствуваат попожелно или за да ја потврдат сопствената вредност. Меѓутоа, ваквото однесување често им штети не само на нивните партнери, туку и на самите нив.
„Измамниците често ја минимизираат сопствената вина за да го заштитат својот имиџ, што може да доведе до лицемерно однесување и избегнување одговорност, покажува студија од 2019 година. Некои исто така го користат изневерувањето како средство за моќ и контрола, несвесно или намерно го повредуваат партнерот за да се чувствуваат надмоќни“, вели Траверс.
Страв од емоционална блискост и ранливост
Некои луѓе тешко се отвораат во врските, а изневерувањето им овозможува да избегнат емоционална ранливост. Неверството може да биде алатка за избегнување на интимност, особено за луѓето со несигурен стил на приврзаност, покажува едно истражување.
“Кога ќе се соочат со емоционалните барања на врската, тие може да бараат површни односи надвор од врската, каде што немаат потреба од подлабока врска. Иако тоа може да им обезбеди привремено чувство на контрола, на долг рок тие ја саботираат сопствената способност да градат здрави врски”, објаснува психологот.
Разбирањето на овие психолошки обрасци е клучно за идентификување на потенцијалните проблеми во врската и личниот развој. „Иако одредени особини може да го зголемат ризикот од неверство, тие не ја одредуваат судбината на една личност – самосвесноста, отворената комуникација и поддршката можат да помогнат да се скршат деструктивните обрасци и да се создадат постабилни, исполнети односи“, заклучува Траверс.