Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) синоќа соопшти дека нуклеарната безбедност не е загрозена по нападот со дрон врз нуклеарната централа Запорожје во источна Украина.
Во соопштението за печатот објавено на платформата X, се истакнува дека штетата на шестата единица од централата не ја загрозува нуклеарната безбедност, но дека тоа е „сериозен инцидент со потенцијал да го загрози интегритетот на системот што го содржи радијацијата во реакторот .
МААЕ соопшти и дека во нападот загинало едно лице, а причинета е помала материјална штета.
Директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, апелираше до оние што донесуваат воени одлуки да се воздржат од каква било акција што ги прекршува основните принципи за заштита на нуклеарните постројки.
Прес-службата на нуклеарната централа, која е под контрола на руските сили, објави претходно дека нападот со беспилотно летало го извршиле украинските сили веднаш откако МААЕ извши инспекција на постројката.
Претходниот напад на оваа централа се случи на 5 април.