Маж залепен со селотејп за бандера:Толку брзо ли го заборавивте Кочани?

Денеска напладне, граѓаните кои случајно се затекоа на плоштад Македонија во Скопје беа сведоци на необична сцена – непознат маж, залепен со селотејп за бандера, во близина на фонтаната, привлекуваше внимание и создаде многу прашања, но не и одговори.

Прво висеше на бандера за да го привлече вниманието, за потоа да ги праша „големците“ – „толку ли брзо го заборавивте Кочани?“. Ваква герила акција се случи на плоштадот „Македонија“ од „Support Kocani“, за да повикаат на свесност кај институциите.

„Се обраќам до големите луѓе на оваа држава. Уште што треба да ни се случи на нас во Кочани за да се освестат дека тој град постои? Толку ли брзо не заборавија. Пред некој ден си дојдоа деца кои немаат прсти на рацете. Тие деца ќе немаат цел живот раце. Па ако ништо друго, дај на нив да им помогнеме. Толку ли брзо не заборавивте нас од Кочани. Зошто тој град во овие 30 години никогаш не бил битен? Дај да биде ова пример, да направиме нешто за овој град“, рече кочанчанецот Мартин Кировски кој претходно висеше на бандера, во центарот на Скопје.

Тој кажа дека пет другари му загинале во пожарот во „Пулс“.

„Ако ништо не се преземе, работата ќе оди на полошо. Мора нешто да се преземе, за тој народ да може да живее. Мене ми загинаа пет другари. Ме прашуваа: нема ли да ти биде срам што ќе бидеш врзан? Јас секако сум духовно врзан. Немам ни јас што да правам, кај да живеам? Морам да живеам во тој град, морам да направам нешто за тој град“, додаде тој.