– Маж на возраст од 55 години почина денеска во болница во која бил пренесен во саботата, откако физички бил нападнат во масовна пресметка меѓу фудбалски навивачи во градот Блекпул, јавија британските медиуми.
Инцидентот се случил во саботата пред паб во Блекпул по завршување на натпреварот од англискиот Чемпионшип меѓу домашната екипа и Барнли, во чиј редови настапува македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов.
Навивачот на Блекпул, Тони Џонсон, во тепачката се здобил со тешки повреди на главата и бил пренесен во локалната болница, каде и покрај сите напори на лекарите починал.
Полицијата соопшти дека привела 33-годишен маж, за кого се сомнева дека му нанел тешки повреди на Џонсон, и ги повика сите сведоци на инцидентот да се јават во полициска станица.
„Инцидентот се случил на прометно место и знаеме дека во тоа време имало многу луѓе кои виделе сè или дел од тоа што се случило“, соопшти полицијата.
Блекпул и Барнли најостро го осудија инцидентот и изразија длабоко жалење поради смртта на фудбалскиот навивач.
Натпреварот меѓу Блекпул и Барнли заврши без голови. Барнли води на табелата и е најголем кандидат за пласман во Премиер лигата, додека Блекпул е во зоната за испање.