Денеска Европската комисија започнува преговори со седум земји надвор од ЕУ, вклучително и Македонија, за нивно поврзување со Програмата на ЕУ за животна средина и клима .
Останатите шест земји со кои Европската комисија ќе ги започне денешните преговори се Албанија, Андора, Фарските Острови, Израел, Молдавија и Турција.
Како што најави Комисијата, приклучувањето кон Програмата ќе им помогне на седумте земји да развијат иновативни еколошки и климатски техники, пристапи и најдобри практики кои придонесуваат за климатско неутрална, кружна и адаптивна економија и кои ја штитат и обновуваат природата.
Според најавите од ЕК, во рамки на почетокот на преговорите предвидена е средба со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова и со еврокомесарот за животна средина, океани и рибарство, Вирџинијус Синкевичиус.