– Република Северна Македонија од денска го презема претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИ).
Слоганот „Премостување на поделбите, градење доверба“ ќе биде водечка тема на македонското претседавање со ПСЈИЕ, а посебен фокус, како што најавија претседателот Стево Пендаровски и шефот на дипломатијата Бујар Османи, ќе биде ставен на добрососедските односи, помирувањето, безбедноста, стабилноста, регионалната соработка и забрзувањето на евроатлантските интеграции.
Претседателот Пендаровски на Самитот на ПСЈИЕ во Подгорица, истакна дека државата е подготвена да го предводи Процесот за соработка во Југоисточна Европа без разлика на обврските што ги има како актуелен претседавач и на ОБСЕ.
– За време на нашиот мандат ќе вложиме максимални напори преку дијалог и меѓусебно разбирање и почит да ги искористиме сите можности и дојдеме до поголема регионална стабилност и просперитет. Владеење на правото, промоција на човековите слободи и права, а особено борбата против корупцијата ќе бидат меѓу приоритетите на нашата агенда, а исто така и енергетската безбедност на Југоисточна Европа, трансевропските коридори и културната размена меѓу народите, рече Пендаровски.
И министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека земјава има капацитет истовремено да претседава и со ПСЈИЕ и со ОБСЕ.
Османи, кој денеска ќе одржи прес-конференција по повод преземањето на претседавањето со ПСЈИЕ, оценува дека Северна Македонија станува претседавач во тешки времиња, земајќи ја предвид сериозноста на војната во Укарина. Токму војната на европскуиот континент, како и преостанатите регионални предизвици и отворени прашања, се причина за враќање на основните вредности врз кои се потпира ПСЈИЕ – добрососедските односи, стабилноста, безбедноста, соработката стремежот за интеграција на во евро-атлантското семејство на слободни и демократски народи, вели Османи.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа е формиран во јуни 1996, со цел продлабочување на односите и соработката меѓу земјите од регионот. Иницијативата стреми кон создавање на регион темелен на демократија и економски просперитет и целосна интеграција на овој дел од континентот во европските и евро-атлантските структури.
Северна Македонија е вклучена во иницијативата од самиот почеток, а претседаваше со неа во два наврати, 2000-2001 и 2012-2013 година. Покрај Северна Македонија, членки се Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Молдавија, Романија, Србија, Словенија, Турција, Хрватска и Црна Гора.
Досегашен претседава со ПСЈИЕ беше Црна Гора.