Македонија нема регистар на повреди и смртни случаи на работното место

Во Македонија секоја година се издвојуваат милиони евра за отштета за повреди на работното место. Синдикатите предупредуваат дека повредите се случуваат главно поради прекувремена работа. Дополнителен проблем е што кај нас не постои единствен регистар за повредени работници на работното место. Според тоа, нема точни податоци за нивниот број на годишно ниво. Познавачите на оваа проблематика паметат дека од 2007 година постои Закон за безбедност и здравје при работа, но проблем е неговата имплементација.

„Имаме совесни работодавачи кои ја почитуваат таа законска регулатива, ги исполнуваат своите законски обврски, обезбедуваат средства за своите вработени, опрема, вршат обуки, ги вршат потребните законски инспекции, но има и работодавачи кои се неодговорни. Само да си ја завршиме работата, примаат вработени кои не ги пријавуваат, не ги регулираат работните односи, не им даваат соодветна обука“, рече Дејан Ангеловски, Здружение на инженери за заштита на трудот.

Бројот на повреди на работното место варира во зависност од институцијата.

„Едни велат дека загинале 12 лица, други 22. А бројката варира. А бројот на повредени е од 150 до 450, зависи кој прави анализа и кој ги собира податоците на годишно ниво…“, изјави Дејан Ангеловски, Здружение на инженери за заштита на трудот.

Повреди имало и ќе има на работното место, но целта е да се намали бројот на вакви случаи.

„Дека ќе постигнеме цел следната година, нула повреди, реално не е остварливо. Но, целта е да се намали што е можно пониско бидејќи секој вработен, секој изгубен ден на работа го чини работодавецот, не само болката на работникот, туку и неговото отсуство од работа, особено сега кога имаме недостиг од работни места“. изјави Борче Стојчевски, Здружение на инженери за заштита при работа.

Стојчевски вели дека во земјава се уште има фирми кои се кријат кога вработен ќе се повреди на работното место. А од трагичните случаи, според полициските билтени, само летово тројца работници загинале на работните места, а десетици се повредени.