„Република Северна Македонија продолжува да ги развива односите со земјите членки на ОН и се залага за јакнење на ефективниот мултилатерализам, во функција на обезбедување мир, стабилност, развој на демократијата и човековите права…“
Во Министерството за надворешни работи на Северна Македонија се отвори изложба по повод 30-тата годишнина од членството на земјата во Обединетите нации (ОН).
Како што информираат од МНР, настанот беше во коорганизација со Државниот архив на Северна Македонија, како и во соработка со националниот координатор на ОН во Скопје.
Во своето обраќање, заменик-министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки, ја истакна важноста од членството на земјата во семејството на Обединетите нации и воедно рече дека Северна Македонија докажа дека со дипломатија и дијалог, со разбирање, толеранција и по пат на компромис, можат да се решат и најтешките прашања и да се придобијат нови пријатели и сојузници.
„Република Северна Македонија продолжува да ги развива односите со земјите членки на ОН и се залага за јакнење на ефективниот мултилатерализам, во функција на обезбедување мир, стабилност, развој на демократијата и човековите права, економски и социјален просперитет на регионално и глобално ниво“, рече заменик-министерката Исаки.
Пред гостите се обрати и Росана Дуџак, постојана координаторка на ОН во Скопје, која подвлече дека во светот кој континуирано создава предизвици на секој фронт, мултилатерализмот е под постојан тест, додавајќи дека Северна Македонија никогаш не ја оспори важноста на заедничката работа.
„Затоа денеска, исто така, сакам да оддадам признание за активното учество на земјата во сите меѓународни тела, во сите комисии, во сите дискусии и во сите процеси на Обединетите нации. Северна Македонија континуирано демонстрира посветеност кон Агендата 2030, и покрај сите предизвици со кои се соочува. Земјата го финализираше својот прв доброволен национален преглед во 2020 година за да го следи напредокот постигнат кон Агендата 2030, во многу тежок контекст, на самиот почеток на пандемијата на Ковид-19”, додаде Дуџак.
Директорот на Државниот архив на Република Северна Македонија, Емил Крстески, рече дека јубилејот бил поттик за Министерството за надворешни работи и Државниот архив заеднички да бидат носители на проект-изложбата, која се презентираше пред присутните.
На настанот присуствуваа дипломатскиот кор во Северна Македонија, како и претставници на државните институции.
Изложбата продолжува да биде отворена следните две недели во Музејот на македонската борба за самостојност.