На средбата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, беше истакната потребата од интензивирање на меѓусебниот политички дијалог, како и унапредување на економската и трговската соработка.
На средбата, што се одржа во рамките на официјалната посета на премиерот Христијан Мицкоски на Обединетите Арапски Емирати, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија, беа потврдени добрите билатерални односи и конструктивната соработка меѓу двете земји, а беше истакната и заедничката посветеност за нивно натамошно продлабочување.
Во таа насока, министерот Муцунски во име на Владата потпиша два меморандуми за разбирање, за економска соработка и за соработка меѓу дипломатските академии на двете министерства за надворешни работи.
На средбата беше истакната и важноста од интензивирање на контактите меѓу бизнис-заедниците и стопанските комори на двете земји, со цел за поголеми економски врски и реализација на нови инвестиции. Покрај билатералните односи, соговорниците размениле мислења и за актуелните геополитички случувања во светот.