Македонската влада ги отфрли обвинувањата на грчкиот премиер Мицотакис

Македонската влада во целост ги отфрли обвинувањата на грчкиот премиер Мицотакис за наводно прекршување на Договорот од Преспа од страна на клучните институции во државата и преземените обврски согласно Уставот.

“Истакнуваме дека државата продолжува да ги почитува превземените обврски од Договорот од Преспа во сите негови аспекти, вклучувајќи го тука и употребата на името “Македонија”, како и името “Северна Македонија” во соодветни формати и прилики утврдени со Договорот и Уставот на државата”, се вели во владината реакција.

Истовремено од македонската влада истакнуваат дека превземените обврски се двонасочна улица, и треба да се земат предвид и обврските кои ги има соседна Грција а кои не се исполнети.

“Исто така, сакаме да нагласиме дека процесот на европски интеграции продолжува да биде наш важен приоритет. Ние сме уверени дека нашиот напредок и придонес кон регионалната стабилност и безбедност, како и нашата посветеност на реформите, ќе бидат правилно оценети и вреднувани од страна на Европската унија.“се вели во реакцијата на Владата.

Грчкиот премиер Мицотакис за наводното прекршување на Договорот од Преспа од македонските државни институции го информирал и Евриопскиот Совет.

Денеска грчкото МНР ја обвини Северна Македонија за иредентизам тврдејќи дека политичкото раководство на Северна Македонија Грција се оддалечува од добрососедските односи.

„Раководството на Северна Македонија продолжува да го прекршува Договорот од Преспа. Понатаму, се враќа на минатите постапки кои укажуваат на иредентизам и целосно непознавање на историјата. Раководството на Северна Македонија се повеќе се оддалечува од добрососедските односи кои го сочинуваат јадрото на европското законодавство и меѓународното право “, се вели во соопштението на МНР.

Претседателката на Северна Македонија Гордана Силјановска вчера на X објави дека се сретнала со делегација на етнички Македонци од „Егејска Македонија“, во врска со северниот грчки регион Македонија.

Со Договорот од Преспа од 2018 година уставното име на државата се смени од Република Македонија во Република Северна Македонија. Тоа го отвори патот за нејзиното членство во НАТО.