Макрон бара создавање палестинска држава

За време на говорот пред членовите на британскиот парламент, францускиот претседател Емануел Макрон ја истакна сложената природа на односите меѓу Франција и Обединетото Кралство, како и глобалните предизвици со кои се соочуваат денес, вклучувајќи ја војната во Украина и хуманитарната криза во Газа.

Зборувајќи во историската Вестминстерска палата на првиот ден од неговата државна посета на Обединетото Кралство, Макрон нагласи дека враќањето на војната на европскиот континент го стави во опасност мирниот ред и меѓународната стабилност.

„Секој напредок на Русија на Владимир Путин во Украина претставува закана за сите нас“, изјави тој, додавајќи дека Европа никогаш нема да ја напушти Украина. Тој ги повика сојузниците да соработуваат во одбраната на меѓународниот поредок и заедничките вредности, објави Блумберг .

Осврнувајќи се на ситуацијата во Газа, Макрон ги спомена напорите за прекин на огнот, велејќи дека оваа криза бара заеднички и конзистентен одговор.

„Повикот за безусловно примирје во Газа е начин да се покаже дека Европа не користи двојни стандарди. Ние сме посветени на заштитата на човечкиот живот и почитувањето на територијалниот интегритет“, нагласи францускиот претседател.

Тој, исто така, изјави дека признавањето на државата Палестина и посветеноста на политичко решение е единствениот пат за постигнување траен мир на Блискиот Исток.

Како заклучок, Макрон предупреди дека бесконечниот конфликт во регионот претставува сериозен ризик за колективната безбедност и долгорочната стабилност.