Францускиот претседател Емануел Макрон не ја исклучи можноста за испраќање борбени авиони во Украина.
Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека Вашингтон нема да испраќа борбени авиони Ф16 во Украина, пренесе Ројтерс.
Минатата недела западните медиуми објавија дека група воени претставници „тивко“ барале од Пентагон да испрати F16 во Киев.
Вечерва за ова прашање зборуваше и францускиот претседател Емануел Макрон, кој не ја исклучи можноста Париз да испрати борбени авиони во Киев, но под одредени услови.
Франција досега испрати противвоздушни системи, ракетни фрлачи, топови и друга воена опрема во Киев и вети дека ќе испрати специјални воени возила за набљудување и борбени возила, но не испрати тенкови и тешко оружје, јави АП.
Запрашан на прес-конференција во Хаг, каде што се сретна со холандскиот премиер Марк Руте, дали Франција размислува да го испрати авионот, Макрон одговори дека „ништо не е исклучено“ , доколку се исполнат одредени услови.
Условите се опремата да не доведе до ескалација на тензијата или да се користи на руско тло, а се подразбира дека нејзиното испраќање нема да ги загрози капацитетите на француската армија, посочи Макрон.
Тој исто така нагласи дека Украина мора да поднесе официјално барање. Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека Украина официјално не го побарала холандскиот авион Ф16. Руте ги поздрави неодамнешните најави од Германија и САД дека ќе ги испратат своите тенкови во Киев.
– Што се однесува до Холандија, ќе се обидеме да направиме што можеме. Ние не поседуваме тенкови Леопард, туку ги изнајмуваме – изјави Руте.