Францускиот претседател Емануел Макрон во петокот беше домаќин на неговиот аргентински колега Хавиер Мајли во Париз, и покрај неодамнешните тензии меѓу двете земји.
За време на средбата во Елисејската палата, двајцата лидери разговараа за војната во Украина, изборите во недела во Венецуела и планираниот трговски договор меѓу Европската унија и јужноамериканската алијанса „Меркосур“, чиј дел е и Аргентина, канцеларијата на Мајли.
Односите меѓу Париз и Буенос Аирес беа затегнати во последните недели. Аргентинските фудбалери минатата недела пееја навредлива песна за француските фудбалери со африканско потекло, откако го освоија финалето на Копа Америка.
По критиките од Франција поради таа песна, ултраконзервативната потпретседателка на Аргентина, Викторија Виљаруел отиде чекор понатаму, пишува dpa.
„Ниту една колонијалистичка земја нема да се плаши од нас затоа што пееме песна или зборуваме вистини што тие не сакаат да ги прифатат“, напиша таа на платформата X.
Владата на Мајли се огради од нејзината изјава, а претседателот ја испрати сестрата и советничка Карина Мајли во француската амбасада за да ги смири тензиите.