Макрон побара од Атал да продолжи да работи како премиер

– Францускиот претседател Емануел Макрон денес побара од премиерот Габриел Атал да продолжи да работи на неговата позиција „засега“, бидејќи резултатите од вториот круг од предвремените парламентарни избори покажаа дека ниту еден од трите големи сојузи не обезбеди доволно пратенички места за да формираат влада, објавија медиумите.

„Атал отиде во Елисејската претседателска палата за да се сретне со Макрон и да поднесе оставка, но наместо да ја прифати, Макрон побара од Атал да остане премиер засега за да се обезбеди стабилност во земјата“, изјавија извори од Елисејската палата за телевизијата BFMTV.

Претседателот му се заблагодари на премиерот за неговата работа за време на изборната кампања.

По објавувањето на првите резултати во неделата навечер, Атал рече:

„Вечерва политичката формација што ја застапувам во оваа кампања нема мнозинство, утре наутро ќе поднесам оставка до претседателот.“

Според последните проекции врз основа на податоците на Министерството за внатрешни работи за вториот круг од парламентарните избори во Франција одржани во неделата, левичарската Алијанса на Нов народен фронт би можела да освои повеќе од 180 места во Националното собрание.

Партијата на претседателот Емануел Макрон заврши на второто место со повеќе од 160 места во Парламентот, додека екстремно десничарскиот Национален собир (РН) на Марин Ле Пен освои повеќе од 140 места.

За апсолутно мнозинство во Националното собрание, кое има 577 места, потребни се 289 пратеници.