Макрон: Путин лаже дека сака мир во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изрази надеж дека рускиот претседател Владимир Путин конечно ќе престане да лаже дека сака мир додека продолжува да ја бомбардира Украина.

„Во Украина чекаме одговор само на едно прашање – дали претседателот Путин прифаќа безусловен прекин на огнот“, рече Макрон за време на посетата на Мадагаскар.

Францускиот лидер истакна дека незадоволството на Американците треба да биде насочено само кон една личност, а тоа е Путин, пишува Ле Монд .

Тој додаде дека приоритет треба да биде безусловен прекин на огнот во Украина, оценувајќи дека статусот на Крим – кој е во центарот на ќорсокакот во напорите за договор со Москва – во моментов не треба да биде примарен проблем.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека Крим сега е изгубена територија за Киев, откако полуостровот на Црното Море беше анектиран од Русија.

„Прашањето за статусот на полуостровот сега на никаков начин не се поставува и не зависи од нас да одлучуваме“, рече Макрон, додавајќи дека прекинот на огнот е почетна точка за се.

„Сите други прашања се дел од мировните преговори кои ќе треба да се одржат подоцна и кои ќе ги земат предвид воените позиции, територијалните и безбедносните прашања“, заклучи Макрон.

Инаку, Трамп ги осуди неодамнешните руски напади во главниот град на Украина, Киев, каде досега загинаа над десет луѓе.