Макрон: Ја потценивме Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не исклучува никакви опции во случај руски борбени авиони да влезат во европскиот воздушен простор.

„Во согласност со доктрината за стратешка двосмисленост, можам да ви кажам дека ништо не е исклучено“, рече Макрон во интервју за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, одговарајќи на прашање дали би поддржал соборување на руски борбен авион доколку тој влезе во европскиот воздушен простор без дозвола.

Макрон истакна дека ја потцениле Русија. Тој тврдеше дека Русија е најголемата структурна закана за Европејците, наведувајќи мешање во изборните кампањи, сајбер напади, атентати на противници и ширење лажни информации.

„Францускиот нуклеарен чадор постои“

„Наивни сме ако не препознаеме дека руската тајна армија се шири во нашите демократии. Таа се состои од оние мали анонимни воини што ги нарекуваме дигитални ботови. Тие ја манипулираат демократијата во Франција, Германија и низ цела Европа“, предупреди тој.

На прашањето за предлогот на Европската комисија да се користат замрзнатите руски средства како гаранција за исплата на воена отштета на Украина, Макрон повтори дека средствата не можат едноставно да се конфискуваат, бидејќи тоа би го прекршило меѓународното право.

Макрон, исто така, потврди дека ќе одржи говор на почетокот на следната година за француската нуклеарна доктрина, која моментално се ажурира.

,,Францускиот нуклеарен чадор постои. Моментално работам на ажурирање на нашата доктрина и сакам да продолжам со продлабочување на нашиот стратешки дијалог со Европејците кои сакаат да учествуваат“, рече тој.