По сведочењето на момчето убиец, адвокатката Ирина Боровиќ, која го застапува неговиот татко, за медиумите откри дека момчето било детално испрашувано зошто го извршил масакрот во училиштето, а како што тврди таа, монструмот изразил и каење.
-Денеска беше сослушан малолетник, детално сослушан за сите околности кои може да бидат важни за откривање на причините поради кои сето ова го направил. Она што можам да го кажам е дека тој го утврди она што го кажа таткото, дека оружјето е целосно обезбедено. Исто така, тој тврди дека татко му не му го овозможил првиот контакт со оружје. Изрази каење за сè што направи – изјави адвокатката Ирина Боровиќ.
Да потсетиме, момчето-убиец денеска речиси 4 часа беше на распит во постапката против неговиот татко, кој се товари за тешко кривично дело против општата безбедност. Се сомнева дека не го држел оружјето според прописите, а со кое момчето-убиец убил девет врсници и училишен чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“. Исто така, тој е осомничен дека го научил својот син да ракува со оружје, како и дека го однел на стрелиште.
Момчето-убиец беше испрашуван преку видео-конференциска врска воспоставена меѓу здравствената установа во која е набљудуван и Вишото јавно обвинителство во Белград. На сведочењето присуствуваа в.д. обвинител, адвокатот на таткото, адвокати на оштетените, како и неколку родители на убиените деца.