Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, изјави дека неговиот тимот се мачи, по серија од четири натпревари без победа во Премиер Лигата, но дека негова работа е да најде начин да го врати тимот на победничките патеки.
Актуелниот шампион синоќа загуби од Астон Вила со 0:1 и падна на четвртото место на табелата со шест бода помалку од првопласираниот Арсенал.
„Победи подобриот тим. Астон Вила беше подобра од нас. Се мачевме, беше навистина тешко. Тие се добро организирани, брзи играчи, можеа да контролираат многу аспекти. Тоа е причината поради која се во врвот. Играа добар фудбал, а не можевме да го направиме тоа“, изјави Пеп Гвардиола.
„Моја должност е, моја работа е да најдам начин да се вратам. Ние сме заедно многу години и најдовме начин, успеавме да најдеме начин да победиме. Сега кога се бориме, треба да ја смениме динамиката, да победиме што е можно поскоро, Лутон, Кристал Палас, да го смениме размислувањето и да победиме“, додаде шпанскиот стратег.
Во последните четири натпревари Манчестер Сити освои три бода и е четврти на табелата со 30 бодови. Прв е Арсенал со 36, Ливерпул има 34, а Астон Вила 32 бода.
Во следното коло Манчестер Сити гостува кај Лутон.