Во пресрет на лидерската средба на земјите на Западен Балкан, утринава вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, заедно со премиерот Димитар Ковачевски одржаа средба со стратешките партнери и блиски соработници од САД, помошникот државниот секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајaн и амбасадорката Анџела Агелер.
Како што соопшти Секретаријат за европски прашања (СЕП), на средбата беа потврдени ставовите за следните чекори кои е потребно да се преземат во однос на успешно реализирање на водење на државата кон Европската Унија.
На средбата, како што се наведува, беше истакнато дека создавањето сојузи и креирање мостови на пријателство и соработка во регионот се главна водечка стратегија за реализација на Планот за раст на Европската Комисија за интегрирање на државите на Западен Балкан во ЕУ.
– Главните определби на средбата беа дека наши приоритети на патот кон ЕУ се заложбата за реализација на реформите, соработката, поврзувањето преку финансиските инструменти кои ќе значат стабилно и сигурно развивање на државата и на регионот, се вели во соопштението од СЕП.