– Образованието и младите се столбови за развој на човечкиот капитал и ние како држава која започна преговори за пристап во ЕУ, нашиот фокус на образованието и истражувањето го усогласуваме со посветеноста на Унијата за инклузивен економски развој, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во обраќањето на лидерската сесија за образование и истражување на дводневниот Форум „Глобална порта“, што денеска започна во Брисел.
– Среде енергетски и воени кризи, мисијата на ЕУ и нејзините партнери е да се засили блиската соработка и заеднички да ги надминуваме предизвиците, истакна Маричиќ на сесијата насловена „Посилни заедно преку одржливи инвестиции“.
Тој посочи дека активното учество на земјава во програмата Еразмус+ и во Европскиот корпус за солидарност, го збогати нашиот образовен и младински сектор.
Според Маричиќ, шемата за гаранции за млади поттикнува успешни приказни во високото образование и програмите за мобилност на ЕУ.
– Нашата посветеност на поврзувањето и соработката не придонесуваат само за нашите ЕУ интеграции, туку и за глобалната мрежа на исти вредности и цели за одржлив напредок. Тие кои соработуваат ќе се движат напред и ќе имаат позитивни резултати во секоја област. Трендот е јасен – инвестирањето во човечки капитал од најмала возраст го максимизира потенцијалот, заклучи Маричиќ.