Постојат два начини како да се дојде до уставни измени: ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија да одлучи да даде поддршка под одредени услови за кои беше разговарано пред два месеци на лидерската и вториот начин е дел од пратениците да одлучат да гласаат, како што имавме случај пред пет години. Јас не гледам трет начин, можеби постои, но тие се двете опции, истакна денеска на прес-конференција вицепремиерот Бојан Маричиќ. Тој не смета дека избори би можеле да сменат нешто.
-Ние ќе работиме на двете нивоа, сметам дека не е невозможно, напротив мислам дека е возможно. Мислам дека имаме доволно време и простор за да дојдеме до решение. Ќе повторам, прашањето е премногу важно за да му се земе кусур на кого било доколку го смени мислењето за одредено време, рече Маричиќ.
Според него, изборите не можат ништо да променат по ова прашање. Напротив, вели Маричиќ, може само да го искористат ова прашање и да биде прашање кое што ќе доминира во кампањата за после тоа да биде изговор дека ВМРО-ДПМНЕ не може да гласа за уставните измени бидејќи во кампањата ветиле дека нема да гласаат под бугарски диктат. -И потоа да влеземе во една заблуда дека е возможно да добиеме подобар договор и да чекаме уште десет години, рече Маричиќ.
Според него, прво треба да се гласа за уставни измени, па потоа да се оди на избори. Тоа е, посочи, логично.
Маричиќ вели дека владејачкото мнозинство има 72-73 гласа за уставни измени, потенцирајќи дека се работи на тоа да се достигне потребното мнозинство. Затоа кога ќе се гласаат уставните измени, најави, самото закажување на продолжението на пленарната седница ќе биде индикатор за тоа.
-Седницата ќе биде повторно закажана кога ќе се создадат услови. Ние во меѓувреме работиме и ќе работиме на создавање на услови за успешно гласање во Собранието. Моментот кога ќе биде закажана седницата ќе биде индикатор дека сме приближени до потребното мнозинство. Во моментот по она што се декларираше иако гласањето заврши на 70, мислам дека поддршката оди и до 72-73 пратеници. Меѓутоа ова беше гласање за дневен ред, да не заборавиме, не беше гласање за уставните амандмани, рече Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ смета дека е возможно да се комплетира процесот на уставните измени.