Маричиќ – Росвал: “За Северна Македонија вратата на ЕУ е отворена, поддршката од Шведска продолжува“

Континуираната поддршка што Кралството Шведска ја дава на европскиот пат на Северна Македонија и посветеноста која ја има за време на нејзиното претседавање со ЕУ на целиот регион, биле потврдени на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ со неговата шведска колешка, министерката за европски прашања Јесика Росвал.

На средбата, како што соопшти СЕП, било разговарано за активностите во рамки на приоритетите на претседавањето со ЕУ, уставните измени, реформите и текот на скрининг процесот.

– Важно е што имаме политичка поддршка и отворена врата за ЕУ. Сега во наши раце е динамиката и континуитетот на процесот на преговори со ЕУ. Владата има политичка волја и е подготвена да го забрза спроведувањето на реформите, но потребен е и јасен план и рамка од страна на ЕУ за проширувањето, истакнал Маричиќ на состанокот.

Вицепремиерот Маричиќ се заблагодарил за политичката и финансиска поддршка што веќе три децении Шведска ја дава на Северна Македонија за напредок и исполнување на стратешката цел, членството во Европската унија.

Министерката за европски прашања Росвал ја поздравила целосната усогласеност на Северна Македонија со надворешната политика на ЕУ и придружувањето во санкциите кон Русија. Во контекст на тоа министерката се заблагодари и за искрената поддршка која ја има Шведска за членството во НАТО од Северна Македонија, што ќе придонесе за зајакнување на безбедноста на евро-атлантскиот простор.

Во рамки на официјалната посета на Кралството Шведска, вицепремиерот Маричиќ се сретнал и со државниот секретар на министерката за европски прашања, Кристијан Даниелсон, со кој размениле свои видувања за моменталните политички случувања во регионот и важноста од јасна европска перспектива за државите од Западен Балкан.

Маричиќ за време на посетата во Стокхолм остварил средба со заменик генералниот директор и директор на Одделот за Јужна Америка и Европа на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА), Лиза Фредриксон, за која разговара за билатералната соработка и спроведувањето на Стратегијата за соработка за 2021-2027 година.

Вицепремиерот Маричиќ беше во дводневна работна посета на Кралството Шведска на покана на шведската министерка за европски прашања Јесика Росвал, за време на шведското претседавање со ЕУ. 

Македонија