Предлозите за обезбедување ефективни мерки за намалување на цените на групи производи вчера беа доставени до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат од страна на Стопанската комора на трговци на големо и мало. Предлозите главно се однесуваат на прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун и се подготвени по одржаниот состанок во петокот во Министерството за економија и труд, заедно со министерот, заменик-министерот, претставници од релевантни институции, како и членови на Комората.
Претставниците на трговците и дистрибутерите побарале да има, како што велат, „реално намалување на цените на 100-200 производи што се најнеопходни за секојдневното живеење и кое ќе биде видливо за граѓаните“. На состанокот во петокот било договорено конечната одлука да биде донесена до крајот на неделава, како што посочија од Министерството за економија и труд
По зголемувањето на цените на храната и двата граѓански бојкота, минатата недела во вторникот Владата на седница го задолжи Министерството за економија и труд да подготви предлог-одлука за ограничување на бруто-профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.
Со предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи што беа во претходните кошници, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи, кои одат дури и до 50 отсто.