Марко Новески доби близнаци на 44 години, а Камењар има две поголеми деца – двајцата ја обожаваат улогата татко
„Поминувам време колку што можам повеќе со близнаците. Дома ги делиме обврските и за бањање и за менување пелени и буквално можам сè да правам“, вели Марко Новески за малите Вања и Веда, кои ги доби со саканата Цена.
Во емисијата „НулаМПлус“ на телевизија Телма гостуваа Марко Новески и Владимир Ристов Камењар на тема „Улогата на таткото во развојот на детето“.
Двајцата станаа татковци на подоцнежни години и проговорија зошто ова била вистинската одлука за нив, но и како и колку се вклучени во обврските околу децата.
Водителот Марко Новески пред 7 месеци ги доби близнаците Вања и Веда и стана татко на 44 години.
За станувањето родител подоцна во животот тој вели дека сè си има своите предности и недостатоци, но за него предностите натежнуваат.
Марко вели:
„За мене е предност што се случи на овие години, затоа што сè што ќе се случеше порано немаше да го терам со вакво темпо.
Животот навистина се дели на пред и потоа, кога станува збор за добивањето деца.
Поминувам време колку што можам повеќе со децата. Дома ги делиме обврски и за бањање и за менување пелени и буквално можам сè да правам.
Единствен проблем е што не можам да врзам повеќе часови во континуитет да спијам, се будам на секои 2 часа. Поделени сме со жена ми по половина ноќ.
Од старт не ми беше страв и да ги бањам и пелена да им сменам, иако беа многу мали“.
Владимир Ристов Камењар, менаџер, член на групата „Нови Дечки“ и инспектор по економски криминал е татко на Јована (8) и Дарин (6).