– Актуелниот претседател на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Маркус Зодер денеска беше потврден за лидер на партијата на почетокот на дводневниот партиски конгрес во Минхен.
Зодер беше избран со 91,3 отсто од гласовите, што набљудувачите го сметаат за успех пред се поради контроверзните реформи во партијата што Содер ги иницираше откако го презеде раководството на ЦСУ на почетокот на годината.
Зодер, кој ја извршуваше и функцијата баварски премиер од минатата година, во говорот пред изборите жестоко ги нападна партиите Зелените и Алтернатива за Германија (АфД), кои на последните избори се покажаа како главни конкуренти на ЦСУ која ја претставува демохристијанската опција во Баварија.
Зодер ја спореди АфД со екстремно десничарската Национална демократска партија на Германија (НПД).
-Радикалниот дел од АфД сака да се врати во 1930-тите. АфД е новата НПД, рече Зодер.
Претседателот на баварските демохристијани ја критикуваше и можната коалиција на социјалдемократите, партијата Левица и Зелените на сојузно ниво.
-Црвено-црвено-зелената коалиција би ѝ нанела голема штета на нашата земја и би ја отфрлила неколку години наназад, рече Зодер пред околу 700 делегати на конгресот.
Во исто време, тој особено ја критикуваше климатската политика насочена делумно против автомобилската индустрија, која со Ауди и БМВ има најсилно упориште во Баварија.
-Баварија беше земја на автомобили и таква ќе остане. Нема да има отстапки, рече Зодер