МАСАКР ВО СИРИЈА: Расте бројот на загинати, меѓу кои има жени и деца! (ФОТО)

Сириските безбедносни сили поврзани со новите сириски исламистички власти од вчера убиле повеќе од 340 луѓе, меѓу кои жени и деца, припадници на алавитското малцинство кои живеат во регионот покрај Средоземното Море, објави Сириската опсерваторија за човекови права.

Рами Абдулрахман од Опсерваторијата рече дека убиствата се извршени во Џабле, Бањас и околните алавитски области и дека тоа е најголемото насилство во последните години во земјата, која е во граѓанска војна веќе 13 години.

Новите власти започнаа акција против, како што велат, бунтот во зародиш, започнат од милитанти поврзани со владата на поранешниот сириски претседател Башар ал Асад. Неколку десетици припадници на безбедносните сили се убиени во тешки борби со милитантите, изјави сириски безбедносен извор.

Сириските власти признаа дека имало прекршување на човековите права за време на операцијата, за што ги обвинија неорганизираните групи цивили и борци кои сакале да им помогнат на официјалните безбедносни сили или да извршат криминални дејствија во хаосот. Но, обемот на насилството, вклучително и извештаите за егзекуции на десетици алавити во едно село, ја доведува во прашање способноста на новите исламистички власти во Сирија да управуваат со земјата на инклузивен начин, што ги загрижува другите земји.

Привремениот сириски претседател Ахмед Шаара, кој синоќа во телевизиско обраќање до јавноста ја поддржа акцијата, рече дека безбедносните сили не треба да дозволат никому да претера во нивниот одговор, бидејќи тие се разликуваат од нивните непријатели во нивната посветеност на нивните вредности.

„Ако го заборавиме нашиот морал, ние и нашите непријатели сме на иста страна“, рече тој, ветувајќи дека цивилите и затворениците нема да бидат злоупотребувани.