Еоган Мекејб, извршен директор и основач на „Интерком“, понуди 500.000 долари за изработка на мурал со ликот на Ирина Заруцка, Украинката чие убиство ги шокираше Соединетите Американски Држави.
„Нудам 500.000 долари грантови од по 10.000 долари за сликање мурали на Ирина Заруцкаја на истакнати локации во американските градови“, напиша Мекејб на X. Тој ги охрабри оние кои сакаат да учествуваат во иницијативата или да донираат пари да ја контактираат неговата шефица на кабинетот, Кејти Бренске Толстед.
Најавата на Мекејб го привлече вниманието на најбогатиот човек во светот, Илон Маск, кој понуди 1 милион долари за муралот. Маск претходно беше гласен за случајот, особено за медиумското известување за убиството и реакцијата на јавноста.
Лице вклучено во иницијативата потврди за „Фокс њуз“ дека се во тек преговори со повеќе од 1.000 уметници низ целата земја и дека е во тек потрага по соодветни локации за муралите.
Објавено видео од убиството
Ирина Заруцка, 23, беше убиена во неиспровоциран напад во воз минатиот месец. Нејзината смрт предизвика широка дебата за американскиот правосуден систем и криминалот во американските градови.
23-годишна Украинка беше избодена до смрт од 34-годишен бездомник со долга историја на кршење на законот и проблеми со менталното здравје во петокот вечерта, 22 август, а девојката почина на местото на настанот од убодните рани.
Безбедносните снимки, објавени од Транзитниот систем на областа Шарлот (CATS), ја покажуваат Заруцка како се качува на воз во 21:46 часот, облечена во униформа на пицерија, седнува и гледа во мобилниот телефон.
Само четири минути подоцна, 34-годишниот Декарлос Браун помладиот извадил преклопен нож, прободувајќи ја три пати, барем еднаш во вратот, соопшти полицијата.