Масовни демонстрации против Трамп, милиони Американци се подготвуваат да излезат на улиците: „Не сакаме кралеви“

Во сабота се закажани масовни протести против претседателот Доналд Трамп низ Соединетите Американски Држави, во кои, според организаторите, ќе учествуваат милиони луѓе.

Протестите наречени „Ден без кралеви“ ќе се одржат во повеќе од 1.500 градови во сите 50 држави, како и во неколку земји надвор од САД.

Демонстрациите ќе се совпаднат со воената парада во Вашингтон, која Трамп ја организира по повод 250-годишнината од американската војска. Интересно е што парадата се одржува токму на неговиот 79-ти роденден.

Според организаторите, протестот наречен „Ден без кралеви“ претставува „национален ден на отпор“ чија цел е „отфрлање на авторитаризмот“. Организиран е од десетици граѓански организации и повеќе од сто продемократски групи.

„Немаме кралеви во Америка“, пишува на официјалната страница на настанот.

„Тие ги поткопуваат нашите судови, депортираат Американци, луѓето исчезнуваат од улиците, ги напаѓаат нашите граѓански права и ги ограничуваат јавните услуги. Корупцијата отиде предалеку“, се додава на страницата.

Езра Левин, коосновач на невладината организација „Неразделна“, која стои зад „Ден без кралеви“, во понеделник за MSNBC изјави дека протестите, планирани пред еден месец, предизвикале „огромен интерес“. За ова придонела и моменталната ситуација во Лос Анџелес, каде што граѓаните протестираат против имиграциските рации на Трамп.

Во вторник, Трамп објави дека ќе употреби остри мерки против демонстрантите за време на парадата. Тој нагласи дека ќе нареди употреба на Националната гарда и маринците. Гардата е веќе распоредена во Лос Анџелес, а според гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, ова се случува нелегално.

„Луѓето кои сакаат да протестираат ќе се соочат со многу силен отпор. Дури и не сум слушнал за никакви протести, но знаете, ова се луѓе кои ја мразат нашата земја. И тие ќе се соочат со многу силен отпор“, рече Трамп, според „Тајм“.