Провинцијата Манитоба во западна Канада прогласи вонредна состојба поради големи шумски пожари.
Провинцијата Манитоба во западна Канада прогласи вонредна состојба поради големи шумски пожари , а на повеќе од 17.000 луѓе им е наредено да се евакуираат, соопштија властите.
Премиерот на Манитоба, Ваб Кинев, изјави дека ова е најголемата евакуација во модерната историја на покраината и дека побарал помош од федералните власти и канадската војска за преместување на населението и гаснење на пожарите, пишува „Гардијан“, а пренесува „Танјуг“.
„За прв пат имаме пожари во сите региони. Ова е знак за климатските промени на кои ќе мора да се прилагодиме“, предупреди премиерот.
Најкритична е ситуацијата во градот Флин Флон, каде што 5.000 жители се повикани да бидат подготвени за итна евакуација поради големиот пожар што се приближува.
Пламените јазици достигнаа висина од над 35 метри во некои делови од областа, а поради густиот чад и брзото ширење на пожарот, пожарникарите имаат тешкотии во гаснењето на пожарот.
Евакуациите вклучија и оддалечени домородни заедници, а најголемиот број раселени лица ќе бидат сместени во главниот град на покраината, Винипег.
Моментално во покраината има 22 активни пожари, додека низ Канада се регистрирани 134, од кои половина се надвор од контрола.
Во последниот месец изгореа речиси 200.000 хектари шума – три пати повеќе од просекот од претходните години.
Според локалните власти, еден пожарникар е сериозно повреден, а две лица загинаа претходно овој месец во пожар во Лак ду Бонет, североисточно од Винипег.
Поради подолг период на суво и топло време, Манитоба годинава е со највисоко ниво на пожарна активност во цела Канада, соопшти противпожарната служба на покраината.